Габични инфекции кај новороденчиња и кај доенчиња

Науч. сор. д-р сци Николина Здравеска, ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, Оддел за неонатологија  

 

Науч. сор. д-р сци Николина Здравеска
ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести
Оддел за неонатологија

 

 

Габичните инфекции се често присутни кај новороденчињата и кај доенчињата, како резултат на нивната имунолошка некомпетентност, што значи дека нивниот имунолошки систем е незрел и е во фаза на развој, а со тоа недоволно способен соодветно да одговори и да се одбрани од различните патогени што?. Ова особено се однесува на сите ризични или предвремено родени новороденчиња. Сепак, и децата на поголема возраст се склони кон габични инфекции, така што најголем дел од детската популација во одреден период се здобива со некоја форма на габична инфекција. 

 

Типови габични инфекции

 

Габичните инфекции се класифицираат како:

 

1)  површни (суперфициелни) или кожни габични инфекции, кои се појавуваат на косата, ноктите и на горниот слој на кожата;

2)  поткожни габични инфекции, кои го зафаќаат ткивото под кожата и

3)  системски габични инфекции, кои се најтешки, бидејќи зафаќаат повеќе ткива во организмот и обично се јавуваат кај имунокомпромитираните деца.

 

Сепак, од различните можни габични инфекции, кај новороденчињата и кај доенчињата најчесто застапени се инфекцијата на усната шуплина, позната како сор или орофарингеална кандидијаза, и инфекцијата на кожата во пределот на пелените, означена како пеленски дерматитис. 


 

Орофарингеална кандидијаза (сор)

 

Орофарингеалната кандидијаза претставува инфекција на оралната слузница, која може да ги зафати непцето, забалото, внатрешниот дел на усните, јазикот или грлото. Предизвикана е од различни видови на родот Candida, вклучувајќи ги: Candida albicans (најчесто), C-glabrata и C-tropicalis. Кандидата претставува диморфна габа, која е вообичаено присутна во мали количини во орофарингеалната регија. При одредени ситуации, кога имунитетот на организмот е намален, вообичаената рамнотежа на микроорганизмите се нарушува и како резултат на тоа се забрзува растот на габите и тој станува значаен, предизвикувајќи инвазија на ткивата. Новородените и доенчињата кои примаат антибиотици со широк спектар се изложени на поголем ризик од појава на сор, поради нарушување на нормалната рамнотежа на микроорганизмите во усната празнина, кои компетитивно го спречуваат прекумерниот габичен раст.

 

Кандидијазата, вообичаено, лесно се препознава клинички и тоа преку присуството на бели или на белузлавожолти плаки и еритем на образите и во внатрешноста на усната шуплина, на јазикот, усните итн. Овие лезии може да предизвикаат чувство на печење во устата, а многу често новороденчињата не се хранат или се хранат помалку од вообичаеното и се нерасположени. Истовременото присуство на осип во пеленската регија дополнително и со сигурност ја потврдува дијагнозата на орална кандидијална инфекција.

 

Оралната кандидијаза, вообичаено, добро реагира на третманот со топичен (локален) антифунгален агенс, како што е суспензијата на нистатин. Времетраењето на третманот е од една до две недели и треба да се продолжи два-три дена по резолуцијата на симптомите.

 

Рекурентна, односно повторувачка или постојана орална кандидијаза претставува инфекција која перзистира или се повторува набргу по третманот кај бебињата помлади од шест месеци. Во тие случаи, секогаш треба да се помисли на можен надворешен габичен резервоар, како на пример четки за заби, пипети, лажички од сирупи или витамини и други предмети што често доаѓаат во контакт со устата на детето.

Повторувачката или перзистентна орална кандидијаза кај доенчињата на екслузивно доење треба да побуди сомнение за кандидијална колонизација на дојките како можна причина.

Честите рецидиви на орална кандидијаза се индикација за педијатриска консултација и за евентуална имунолошка проценка.

 

Пеленски осип – пеленски дерматитис

 

Пеленскиот дерматитис претставува многу честа состојба на воспаление на кожата во неонаталниот период и во периодот на доење, предизвикувајќи вознемиреност кај родителите и потреба од педијатриска консултација.

 

Го зафаќа делот од телото што е вообичаено покриен со пелена. Зголемената влажност во пеленската регија ја прави кожата чувствителна на оштетувања со физички, хемиски и со ензимски механизми. Липазите и протеазите од фецесот и од урината предизвикуваат зголемување на pH на површината на кожата и со тоа таа е склона кон иритации. Всушност, непоходна е кисела pH на површината за одржување на нормалната микрофлора и за обезбедување заштита од инвазија на патогени бактерии и габи.

Значително се зголемува ризикот од пеленски дерматитис при појава на дијареја, при прекумерно хидрирање на кожата, при нередовно менување пелени и при употреба на антибиотски сирупи.

 

Кај голем дел од децата инфекцијата со Candida albicans претставува причинител за пеленски дерматитис, односно оваа габа била изолирана од перинеалната регија дури во 92 % од случаите со пеленски дерматитис. Другите микробиолошки причинители се изолираат многу ретко и се обично резултат на секундарни инфекции. 

 

Се карактеризира со црвенило на кожата во пределот на задникот, бутовите и на гениталиите. Овие темноцрвени плажи вообичаено изгледаат воспалено, а во некои случаи може да постојат предели со папули, везикули или со мали површински ерозии (излупена кожа). Вообичаено, бебињата се вознемирени и нерасположени, особено при обид за пребришување на пеленската регија, па дури и при менување пелена.

Дијагнозата на пеленски дерматитис е клиничка и најчесто нема потреба од земање брис и култури, ниту, пак, од други лабораториски испитувања. 

 

Првиот тераписки пристап претставува едукација на родителите за одржување правилна хигиена и за чување на пеленската регија сува колку што е можно.

 

Терапијата опфаќа употреба на протективни, топични (локални) средства, антифунгални (антикандијални) и, евентуално, локални нископотентни кортикостероиди.

Во прва линија е употребата на заштитни кремови што содржат цинк оксид. Терапијата со цинк оксид е евтина, широко распространета и многу корисна, со тоа што има антисептично дејство, значајна улога во заздравувањето на оштетената кожа и низок ризик за алергиски и за контактен дерматитис.

Во случај на докажана или на сомнителна инфекција Candida, треба да се спроведе третман со антифунгално средство – крем нистатин, клотримазол, еконазол, миконазол итн.

При постоење значајна инфекција може да има потреба од терапија со послаб кортикостероиден крем, па, вообичаено, се препорачува 1 % хидрокортизон во времетраење од 1 до 5 дена. Според некои студии, значајно подобар ефект имало користењето комбинирана терапија со хиодрокортизон двапати дневно и со антифунгално средство при секое менување на пелената. Многу е важно да се избегнуваат моќни кортикостероиди.

Со спроведување на наведените тераписки постапки, прогнозата кај најголем дел од децата со пеленски дерматитис е одлична. Сепак, значајно поголем морбидитет е карактеристичен при секундарна бактериска инфекција, особено кај имунокомпромитираните деца.

 

 

 

Литература:

 

1.              American Academy of Pediatrics. Candidiasis. In: Red Book: 2018 Report of the Committee on Infectious Diseases, 31st Ed, Kimberlin DW, Brady MT, Jackson MA, Long SS (Eds), American Academy of Pediatrics, Itasca, IL 2018. p.263.

2.              Rowen JL. Mucocutaneous candidiasis. Semin Perinatol. 2003 Oct. 27(5):406-13.

3.              Kaufman DA. Challenging issues in neonatal candidiasis. Curr Med Res Opin 2010; 26:1769.

4.              Hoppe JE. Treatment of oropharyngeal candidiasis and candidal diaper dermatitis in neonates and infants: review and reappraisal. Pediatr Infect Dis J. 1997 Sep. 16(9):885-94.

5.              Lyu X, Zhao C, Yan ZM, Hua H. Efficacy of nystatin for the treatment of oral candidiasis: a systematic review and meta-analysis. Drug Des Devel Ther. 2016. 10:1161-71.

6.              Ravanfar P, Wallace JS, Pace NC. Diaper dermatitis: a review and update. Curr Opin Pediatr. 2012 Aug. 24(4):472-9

7.              Berg RW, Milligan MC, Sarbaugh FC. Association of skin wetness and pH with diaper dermatitis. Pediatr Dermatol. 1994 Mar. 11(1):18-20.

8.              Martin E. Weisse Stephen C. Aronoff. Candida. Kliegman. Nelson Textbook of Pediatrics. 18th ed. Saunders; 2007. 231.

9.              Patrizi A, Neri I, Ricci G, Cipriani F, Ravaioli GM. Advances in pharmacotherapeutic management of common skin diseases in neonates and infants. Expert Opin Pharmacother. 2017 May. 18 (7):717-725

10.          Xhauflaire-Uhoda E, Henry F, Pierard-Franchimont C, Pierard GE. Electrometric assessment of the effect of a zinc oxide paste in diaper dermatitis. Int J Cosmet Sci. 2009 Oct. 31(5):369-74.


 

Грчеви
Грчеви
Нега на носот
Нега на носот
Имунитет
Имунитет
интелектуален развој
интелектуален развој
Апетит
Апетит
Активност
Активност