Бебешки грчеви

д-р Симонида Спасевска, педијатар – неонатолог, Клиничка болница „Систина“

 


д-р Симонида Спасевска
педијатар – неонатолог
Клиничка болница „Систина“

 

 

Бебешките грчеви или инфантилните колики се дефинирани како епизоди на плачење или на силна вознемиреност кај здравите новороденчиња и млади доенчиња. Според карактеристиките, имаат т.н. правило на 3 (тројка) – траат подолго од три часа во денот и повеќе од три дена во неделата, првите три месеци од животот. Статистички гледано, 21-26 % од бебињата имаат грчеви во првите месеци од животот. Се појавуваат обично околу втората или околу третата недела, пикот е околу шестата недела, а исчезнуваат најчесто околу третиот месец. Инциденцијата на појавување е иста кај двата пола, нема корелација меѓу бебињата хранети со мајчино млеко или со формула и нема корелација во однос на гестациската старост или на родилната тежина (иако одредени студии покажале дека предвреме родените бебиња и оние со помала тежина на раѓање имаат поголеми шанси за развој на колики). Причините за појава на коликите сѐ уште се нејасни. Само кај 5 % од децата може во основата да е некое заболување, како на пример гастроезофагеален рефлукс, интолеранција на лактоза, алергија на протеини на кравјо млеко, анални фисури, аномалии на цревата и друго. Како можни причини за појава на коликите се сметаат разликите во микробиомот на децата, гастроинтестиналната и невролошка незрелост, хиперсензитивноста, неправилните техники при доењето/хранењето (голтањето поголема количина воздух ги дистендира цревата), зголеменото лачење серотонин (ја стимулира перисталтиката на цревата), пушењето од страна на мајката (никотинот го забрзува моталитетот на цревата) и друго.
 

Како се манифестираат грчевите?

  • Неутешно плачење – пискање што се јавува без причина (кај здраво бебе кое е сито и суво).
  • Речиси секогаш се јавуваат во исто време (обично во попладневните и во вечерните часови), траат најмалку три часа, три дена во неделата.
  • Силна вознемиреност – стегање и кревање на нозете кон стомачето, стиснати дланки во тупаница, поцрвенување, па дури и краткотрајно запирање на дишењето, испуштање гасови или столица.
  • Постојано барање храна – се смирува при доење, но за кратко ги отфрла брадавицата или шишето, па потоа повторно бара храна. Храната во тој момент му ја смирува болката на бебето и му дава чувство на сигурност, но, всушност, само ја влошува состојбата (вишок млеко и гасови во цревата).
     

Колку повеќе траат, коликите може да предизвикаат нарушување на динамиката на доењето, но и чувство на беспомошност кај родителите. Родителите се загрижени и не знаат каде прават грешки во негата на своето бебе. Тоа може да доведе до зголемена анксиозност кај родителите, особено кај мајката, непотребни посети на педијатар и лабораториски испитувања кај децата.

Третманот на коликите е главно конзервативен. Пред сѐ, потребно е да се смират родителите, да им се укаже дека нивното бебе е здраво и дека тоа се проблеми со минлив карактер. Се советуваат за правилна техника на хранење и за употреба на физички методи (масажи на стомачето во насока на стрелките на часовникот, топли облоги, топли купки, кревање на ножињата со благ притисок на стомачето за да испуштат гасови, лежење на стомачето или на градите на родителите – смирувачки ефект од срцевите отчукувања), како и за мирна средина (полузатемнета соба со пријатна музика). Не се знае дали сето ова со сигурност помага или има само плацебо-ефект.

Во однос на медикаментите, на пазарот постојат голем број производи во облик на капки и сирупи, кои може да се дадат за смирување на коликите, но важно е да се напомене дека не постојат лекови што се безбедни и ефикасни во третманот на коликите. Се смета дека најголема улога во смирувањето на грчевите имаат пробиотиците. Голем број студии покажале дека употребата на пробиотици го намалува времетраењето на плачењето речиси за еден час (особено кај бебињата хранети со мајчино млеко), но препораките за употреба на пробиотици се еднакви и за бебињата на ексклузивно доење и за оние хранети со млечна формула. Се препорачува спроведување хипоалергена диета кај мајките кои дојат (избегнување производи од крајво млеко I алергени). Притоа, потребен е период од две недели за да се провери ефектот од диеталниот режим на мајката. Доколку се констатира позитивен ефект,  треба да се продолжи со него. Кај бебињата кои се хранат со формула се препорачуваат хидролизирани млечни формули. Покрај пробиотиците, како безбедени препрати за оваа возрасна група се препорачуваат капките што содржат симетикон. Симетиконот е препарат со органско потекло, нема системско дејство, дејствува директно врз цревата со разбивање на меурчињата од гасовите и со нивна апсорпција. Со тоа ја намалува надуеноста на стомачето. Се покажало дека комбинацијата на пробиотик и симетикон може да биде ефикасна во ублажувањето на коликите.

Инфантилните колики се најчеста дијагноза во педијатриските амбуланти во текот на првото тримесечие од животот. Родителите кои имаат „плачливо бебе“ треба да се советуваат дека периодот на колики ќе помине, да бидат трпеливи и нежни со своето бебе и да му посветат многу љубов и внимание. Така ќе се намалат посетите кај педијатар, непотребните хоспитализации и испитувања. Но доколку, освен вознемиреност и плачење, се појават и други симптоми (ненапредување во тежината, течна столица, повраќање, крв во столицата...), секако, треба да се посети педијатар.

 

 

 

 

 

Грчеви
Грчеви
Нега на носот
Нега на носот
Имунитет
Имунитет
интелектуален развој
интелектуален развој
Апетит
Апетит
Активност
Активност