Исхрана

препораки за правилна исхрана на вашето дете

 

Несомнено е значајно да креираме здрави навики во исхраната на нашите деца! 

 

Светската здравствена организација пропишува 5 основни правила за здрава исхрана:

 

1. Доење на бебињата и на малите деца

Се препорачува ексклузивно доење на децата до 6-месечна возраст, при што фреквенцијата и времето на доење да бидат приспособени на потребите на детето. Од 6-месечна возраст се препорачува воведување храна приспособена на возраста во однос на безбедноста и на хранливите вредности, како дополна на доењето додека детето наполни 2 години или повеќе. На храната наменета за бебиња и за мали деца не се препорачува додавање шеќер и сол. 

Зошто?

Мајчиното млеко ги обезбедува сите хранливи состојки и течности потребни за здрав раст и развој на детето до 6-месечна возраст. Бебињата кои се на ексклузивно доење имаат подобра отпорност кон најчестите детски болести, како што се дијарејата, респираторните и ушните инфекции. Децата кои се ексклузивно доени имаат помал ризик од дебелина во подоцнежниот живот или да заболат од дијабетес и од кардиоваскуларни болести. 

 

 

2. Разновидна исхрана

Се препорачува исхрана во којашто ќе се комбинираат различни типиви намирници, како што се житата (пченица, пченка, ’рж, ориз, овес...), храната богата со скроб (компири...), мешунки (грав, грашок, леќа...), зеленчук, овошје и храна од животинско потекло (риба, месо, јајца, млеко и млечни проиаводи).

Зошто?

Секојдневното внесување храна која е необработена и свежа обезбедува соодветно количество есенцијални хранливи материи за организмот. Исто така, овозможува начин на исхрана кој нема да содржи високо количество шеќери, масти и сол, коишто, пак, доведуваат до дебелина и до појава на метаболички заболувања. Правилната и балансирана исхрана е особено значајна за здравиот раст и развој на децата. 

 

 

3. Внесување големо количество овошје и зеленчук

Се препорачува внесување разновидни овошје и зеленчук. За ужина се советува консумирање свежо овошје или зеленчук, наместо храна која содржи висока концентрација на шеќери, сол и на масти. За да се зачуваат витамините, овошјето и зеленчукот не треба многу термички да се обработува. Доколку се консумира овошје и зеленчук кои се сушени или се во конзерва, се препорачува избор на производи во коишто нема додадено шеќер и сол. 

Зошто?

Овошјето и зеленчукот се значајни извори на витамини, минерали, растителни влакна, растителни протеини и на антиоксиданти. Луѓето чијашто исхрана изобилува со овошје и со зеленчук имаат значително помал ризик од дебелина, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и од одредени видови рак. 

 

 

4. Умерено внесување масти и масла

Се препорачува почеста употреба на масла од растително потекло кои содржат незаситени масти (маслиново, соино, сончогледово...), во однос на мастите од животинско потекло (путер, свинска маст...) или на маслата кои се богати со заситени масти (кокосово масло, палмино масло...). Во однос на месото, се препорачува почеста консумација на месо од живина и консумација на риба, кои генерално имаат ниска содржина на масти, во однос на црвеното месо. Внесувањето обработени месни производи треба да се сведе на минимум бидејќи тие содржат високо количество масти и сол. Кога е можно, се препорачува избор на млеко и на млечни производи со ниска или со редуцирана содржина на масти. Значи, многу е значајно да се избегнува обработена, печена или пржена храна, која содржи индустриски произведени трансмасти. 

Зошто?

Мастите и маслата претставуваат концентриран извор на енергија и нивната прекумерна консумација (особено на несоодветните масти) може да биде штетна за здравјето, особено за кардиоваскуларниот систем. 

 

 

5. Внесување помало количество сол и шеќер

При готвење на храната се препорачува употреба на мало количество сол. 

Исто така, треба да се избегнуваат „грицките“ кои имаат висока содржина на сол и на шеќери. Консумирањето пијалаци коишто содржат високо количество шеќери (газирани пијалаци, овошни сокови, засладени јогурти и млеко...) треба да биде ограничено. Се препорачува храната како колачи, бисквити, чоколадо и слично да се замени со свежо овошје. 

Зошто?

Луѓето чијашто исхана содржи високи нивоа на натриум (вклучувајќи ја и солта) имаат зголемен ризик од појава на кардиоваскуларни заболувања. Оние чијашто исхрана содржи високи нивоа на шеќери имаат зголемен ризик од дебелина и проблеми со забите. Намалувањето на внесувањето шеќери во редовната исхрана го намалува ризикот од дијабетес и од кардиоваскуларни заболувања.

 

Грчеви
Грчеви
Нега на носот
Нега на носот
Имунитет
Имунитет
интелектуален развој
интелектуален развој
Апетит
Апетит
Активност
Активност